Пет музички документарни филмови за електронска музика кои треба да ги погледнете

Words by Ненад Георгиевски

Постојат многу документарци на која било тема поврзана со музиката. Некои се подобри, некои не. Некои одат подлабоко во истражување и прикажување на одредена тема, сцена, правец. Електронската музика има навистина богата и живописна историја со многу жанрови, поджанрови и луѓе кои придонеле за нејзиниот развој и популаризацијата. Овој избор на филмови сигурно нема да нѐ направи експерти за електронска музика, но сигурно се добро место за почеток на истражување, учење и уживање.

 

Modulations: Cinema for the ear

 

Modulations е одличен филм кој на интересен начин доловува момент во историјата каде што луѓето и машините се среќаваат со цел да ги создадат едни од најинтересните и највозбудливи звуци на денешницата. Филмот ја претставува еволуцијата на електронската музика со сите нејзини жанрови и поджанрови во кои сето тоа е презентирано како еден од најдлабоките уметнички правци и појави од 20 век. Заедно со филмот објавена е и книга и сите заедно ги испитуваат и презентираат достигнувањата и размислувањата на авангардните композитори, иновативните потфати на бендови како Kraftwerk, CAN, Euro-диско музиката на Џорџо Мородер, електро фанкот на Африка Бамбата, Продиџи, Детроит. Филмот на свој начин ги слави, ги прикажува и ги истакнува номадските стремежи на електронската музика.

Филмот ги прикажува иновациите во светот на електронската музика од деца кои грамофонот го претвориле во музички инструмент, љубители на диско музика кои создале acid house музика на примитивни синтисајзери, потоа отпадници од Детроит кои во ритам машините виделе бегство од урбаниот хаос и распаѓање, а една генерација млади луѓе во Британија ги претвориле овие звуци во теми кои ја отсликувале нивната отуѓеност. Modulations дава чувство на историја и контекст со цел подобро да се разбере електронската музика. Сето ова е поткрепено со голем број интервјуа, визуелизации, настапи во живо.

Kraftwerk: Pop Art

 

Мотото на Крафтверк отсекогаш било „Ние не сме забавувачи – ние сме научници“. Ако некоја група придонела за популаризација на електронска музика како сериозен жанр, тогаш тоа се Крафтверк. Филмот се фокусира на 8-дневните настапи на групата во Тејт Модерн во 2013, каде што ги изведуваа своите албуми, почнувајќи од Autobahn, па сѐ до Tour de France. Меѓутоа, тие настапуваа пред 3D екран на кој се прикажуват препознатливи визуелизации, нешто што подоцна го однесоа и на турнеите што следеа. Сиве овие години, на Крафтверк и на нејзините успеси и влијанија се гледа како на уметничко дело. Затоа, главната тема на филмот е влијанието што бендот го има врз современата музика и современиот дизајн. Филмот изобилува со архивски материјали, ама и со интервјуа со членовите од бендот, како и со Ралф Хатер што, всушност, е неговото последно видео интервју. Во филмот се појавуваат Холгер Шукај од CAN, Дерек Меј и британскиот новинар Пол Морли, кој елаборира теорија дека Крафтверк биле поважни за музиката отколку Битлси.

808

808 се однесува на Roland TR-808, еден од највлијателните, најсакани и најизразити инструменти кој датира од раните ’80-ти. Со својот карактеристичен ритам, овој инструмент бил користен од широка палета музичари, од Talking Heads до Африка Бамбата, од Марвин Геј, па до Бисти Бојс. Документарецот се состои од интервјуа со многу тапанари и уметници кои го користеле овој инструмент, вклучувајќи ги Дејмон Албарн, Фил Колинс, New Order, Fatboy Slim, Дејвид Гета и многу други. Самиот инструмент никогаш не бил замислен да биде со стандард што се барал за користење во професионални студија, а и неговиот звук многу малку потсетувал на вистинските тапани. Дури ни продажбата не одела толку добро, но поради релативно малата цена (особено во продавниците за половна стока откако било прекинато неговото производство во 1983 г.), овој уред се нашол во рацете на имагинативни млади музичари. Денес, звукот на ритамот на 808 е неизоставлив дел од звучниот пејзаж благодарение на „Planet Rock“ на Африка Бамбата и „Sexual Healing“ на Марвин Геј.

Оттаму, синтисајзерот имал огромно влијание врз хип хоп и денс правците кои сѐ уште биле во развој при што продуцентите ја користеле својата имагинација за хакирање на овој инструмент.

 

Pump Up the Volume: A History of House Music

Ова е еден од најдобрите и најсеопфатни филмови за историјата на house музиката. Тој го опфаќа патувањето на оваа музика од андеграунд клубовите во Чикаго, па до периодот во Британија во 1989 кој се нарекува „лето на љубовта“ кога acid house музиката суверено владеела во Британија. Овој филм се фокусира на house музиката, но ги поврзува работите меѓу овој жанр со други како техно, drum and bass, гаражниот звук во Британија и acid house. Филмот е одличен за сите кои сакаат да знае повеќе за корените на современата клупска музика и како таа се развивала и разгранувала низ годините.

High Tech Soul – The Creation of Techno Music

Ова е првиот документарен филм што ги истражува корените на техно музиката наспроти историјата на Детроит, нејзиното родно место. Филмот ја прикажува историјата од нередите од 1967 г., па до андерграунд сцената од крајот на ’80-тите, но економските проблеми на Детроит со кои сѐ уште се соочува и ја деградира таа средина не го запреле напредувањето на оваа музика која донела светска слава и признание и за градот и за продуцентите кои произлегле од него. Филмот се фокусира на луѓето кои го создале овој жанр – Хуан Аткинс, Дерик Меј и Кевин Саундерсон. Од друга страна, тука се и Ричи Хотин, Џеф Милс, Карл Крег, Еди Фаулкс и други кои објаснуваат зошто оваа музика со своите абразивни тонови и ресонантни бас линии не можела да дојде од друго место, освен од Детроит.