Jori Hulkkonen – Неуморен иноватор

Words by Александар Гроздановски

Финскиот продуцент и диџеј Jori Hulkonnen дебитира со првата плоча во 1993 година. Оттогаш до денес, во неговиот каталог се појавуваат издавачки куќи како F Communications, My Favorite Robot, Placktown Sounds, Keys of Life, Plumphouse, Sugarcane, Turbo. Издава под дваесетина различни псевдоними на најпрестижните светски лејблови и има многубројни соработки со артисти како John Foxx, Jose Gonzales, Jesper Dahlbäck (as Kebacid) и Phonogenic (as Discemi). Последниве две декади сработил и ремикси за артисти како Chromeo, Kid Cudi, Robyn, and Lydia Lunch. Продуцирал албуми на бендови како Cister Flo, Villa Nah и NIghtSatan, а истовремено се потпишува како продуцент на двата албуми на Tiga и настапува со него под псевдонимот Zyntherius. Може да се каже дека покрај големата страст кон оваа музичка култура, главна негова карактеристика е тоа што е неуморен истражувач и иноватор.

Во последно време покрај неговата работа како продуцент и диџеј, сѐ поголемо внимание добива неговиот проект насловен како Acid Symphony Orchestra. Експериментален техно проект кој сочинува ансамбл од осум членови кои изведуваат музика на Roland TB-303. Музиката е напишана и компонирана од самиот Јори, а во 2009 со овој проект настапува и пред гигантите Kraftwerk.

За неговите почетоци како продуцент често вели дека уште во 80-тите бил заинтересиран за електронската музика, но откако доаѓа во допир со есид хаус бранот во 1988, решава сите заработени пари да ги потроши на хардвер опрема. Така станува и свесен дека, иако не е трениран музичар, може да постигне озбилни резултати сам во своето студио со своите ритам машини и синтисајзери. Целиот процес на учење и созревање Јори често нагласува дека се заснова на trial and error.

Започнува да прави музика во 1988, а првото издание го има во 1993 година, иако тврди дека својот музички израз го пронашол во 1995 кога потпишал за F Communications. Нагласува дека во музичката продукција тенка е линијата помеѓу влијание и копирање. Обожава ретро синтови и хардвер, но истовремено ја сака и ја следи новата софвтер технологија. Користењето стари машини во средина каде што се контролираат и манипулираат виртуелно, Јори нагласува дека е најдоброто од двата светови. Формулата за својата оригиналност ја наоѓа во слушањето и анализирањето плочи и преку тоа се обидува да му влезе под кожата на инженерот кој ја сработил целата продукција. И како што процесот на осознавање и учење созрева, така и довербата расте, и со тоа Јори резимира, почнуваш да развиваш свој метод на работа и свој звучен потпис.

Разликата помеѓу пристапот како диџеј и музичар, Јори ја гледа во тоа што диџејот мора да ги следи сите други музичари што прават и да се обиде да ја најде музиката што ќе се вклопи во неговата естетика. Како музичар, неговиот пристап е доста различен. Наместо да проба да се вклопи или намерно да отскокнува, тој пробува да се фокусира најмногу на тоа што го работи и да создаде свој сопствен музички свет. Вели дека клучот да опстанеш на долги патеки е способноста да не се вовлечеш премногу во одредена сцена или звук. Сѐ е околу тоа да се пронајде вистинскиот баланс помеѓу игнорирањето на тоа што го прават другите и постојаното реоткривање на себеси.

Jori Hulkkonen ќе се претстави на нашата публика со диџеј сет овој петок на Telekom Electronic Beats  club night во Епицентар.