Зад диџеј пултот со Виктор Апостолски

Words by Божидар Христов (Ulterior)
Photos by Марија Величкова

Скоро секој диџеј има свој уникатен начин на составување листа на музика наменета за забава.

Но сепак постојат одреден број на клучни фактори кои влијаат на изборот на песните што ќе се вртат на една забава: местото на случување, тип на публика, други диџеи кои настапуваат таа вечер, озвучувањето…

А покрај сите тие фактори, диџејот е оној кој ја насочува забавата во правец во кој одредил дека е соодветен. Сето ова е овозможено преку селекцијата на музика која е припремена за таа вечер. Оваа рубрика има за цел да дознае повеќе за тоа како диџеите се припремаат за магичната вечер.

Што е тоа што е уникатно кај нив во овој процес? Овојпат поразговаравме со Виктор Апостолски со цел да дознаеме повеќе за неговиот пристап кон селекција на музика и составување на еден диџеј сет.

 

 

Опиши ни го во три реченици процесот на спремање на еден твој диџеј сет?

Секогаш е истата приказна. Целиот тој ден во глава си правам план што би вртел вечерта. Најчесто, непосредно пред настан, не практикувам да излегувам, па тоа време го користам во студио преслушувајќи плочи и притоа правејќи селекција за вечерта. Прелистувам низ фолдерите во компјутерот за да го дополнам репертоарот со дигитална музика и правам „final check” на сè пред излегување.

 

Од кои извори и како пронаоѓаш нова музика? Како една песна станува дел од плејлистата наменета за клупски журки?

Секоја песна е дел од плејлистата наменета за клупски журки, освен кога специфично слушам или барам друга музика. Музика за клуб барам секако. Буквално на секој можен начин. Дали е тоа разговор со другарите со кои споделувам музика, дали е тоа преслушување нови изданија на juno, decks, soundcloud, или пак слушање миксови на најразлични дигитални платформи. Најмногу време трошам на discogs, кој ми е најголемиот финансиски непријател 🙂 Уживам да копам низ изданија, да прескокнувам од артист до артист и да читам нешто повеќе за нив.

 

 

 

Како се приспособуваш кога треба да пушташ на забава со диџеј кој има различен музички стил од твојот?

Не сум „стриктен“ диџеј, па затоа сакам да пуштам разновидна музика. Сакам и техно и хаус и сè помеѓу и попреку. Во зависност од вечерта и тајмингот во кој што пуштам, препочитам еден диџеј „бонтон”, односно внимавам на селекцијата. Доколку сум прв, пуштам една музика, ако сум втор друга, и така натака. Никогаш не сум пуштал, ниту пак ќе пуштам, музика која не ми се допаѓа само за да го доловам стилот на другиот диџеј, без разлика дали е гостин или наш, локален диџеј. Доколку нашите стилови се тотално различни тоа е грешка на организаторот и не смее да биде товар на мене или било кој друг.

 

Кажи ни како се справуваш кога атмосферата на подиумот е опадната?

Атмосфера може да падне од многу фактори, во многу различни моменти и места. Секогаш различно се справувам со тоа, меѓутоа фокусот останува ист – да се справам што побрзо. Немам конкретни траки, бидејќи на различни журки се случувало да такви „banger” ствари дополнително звучат уште почудно и да не бидат прифатени на подиумот. Затоа секогаш одлучувам во моментот во зависност од ситуацијата.

 

 

Дали може да споделиш со нас неколку песни од твојот последен диџеј сет и да ни кажеш по збор два зашто се имаат најдено на плејлистата и како поминале на подиумот (+ YouTube линкови)?

Indio – Inca

 

The Memory Foundation – Your Last Chance

 

Scion – Emerge

 

Stojche – Codex

 

Plastic – No Language

Ова се неколку од траките кои ги пуштив на журката пред недела дена, на која што впрочем и ми беше роденден. Пуштав само плочи и се погрижив да си ги земам омилените. Не би коментирал за секоја песна одделно, бидејќи секој различно ја доживува, но ве охрабрувам да ги слушнете целосните изданија.

 

Кои беа твоите очекувања од последната забава на која настапи, а кои беа твоите импресии?

Секогаш е различно, барем во градов јас никогаш не знам како ќе биде вечерта. Дали ќе има луѓе, дали се ќе помине во најдобар ред, и така натаму. Секогаш тој момент ми влева една доза на неизвесност и убава трема пред настап. Последните неколку журки ми поминаа ептен добро, полн клуб и разиграни луѓе, а разиграни луѓе и добра атмосфера ми се најголемиот фидбек што го добивам од тоа што го правам.