Како се развиваше белградската клупска сцена од своите воени рејверски корени до денес

Белградската историја е моќна и полна со прекини, затоа е важно да се разгледува музичката денс сцена во контекст. На секои 30 до 50 години, има нова војна, нова идеологија, политички систем или културно влијание. Белград бил уништуван десетици пати во текот на годините, а сепак, некако сè уште опстојува. Може да ви изгледа како класичен поранешен комунистички, источно-европски град, иако неговите австриски и турски влијанија се очигледни. Белград е единствената вистинска метропола на Балканот, понекогаш конфузен и хаотичен, но има многу шарм и привлечност во целиот тој хаос.

Исто како и во Детроит, Манчестер или Берлин, електронската музика и забавите тесно се поврзуваат со општествените промени. Кога на почетокот на 1990-те денешната сцена почна да се формира, забавите не се организираа само од хедонистички причини или за уживање, туку имаа и општествена функција. Тоа беа времиња на војна и изолација, а менувањето на денот со ноќта беше форма на отпор против суровата реалност. Имавме неколку клубови и многу луди, легендарни забави во магацини. Во период од десетина години, рејверите и клаберите станаа мошне кохерентна група. Неколку диџеи имаа моќ да влијаат на политичките одлуки на младината, а техно забавите беа дел од поширокото движење против политичкиот режим од тоа време.

На почетокот на XXI век, повеќето промотори и диџеи беа наградени за нивната работа, а клупската култура стана дел од мејнстримот, со силно медиумско присуство. Беше навистина лудо што сè можеше во тоа време да се види и да се слушне во етерот; за нас Autechre беа повеќе популарни од Бритни Спирс (Britney Spears). Тоа беше време и кога светските изведувачи конечно можеа да дојдат и да настапуваат во Белград, а ние бевме воодушевени што можевме во живо да ја слушнеме сета таа музика која со години нелегално ја преземавме од интернет. Пиратските сајтови и форумите ги формираа музичките вкусови во Србија и тоа е сè уште така. Музичката индустрија на овие простори беше вандализирана во последниве 20-ина години, но за среќа, со посредство на моќта на интернетот, младите можат да формираат софистицирани музички вкусови. Сепак, овој ентузијазам и глад за странски изведувачи, исто така, доведе до непочитување на локалните изведувачи и перформанси, па така, до ден денес, поверојатно е промоторите да инвестираат во странски изведувачи (без оглед на нивниот квалитет), а трошките да им ги остават на локалните изведувачи, од кои некои се апсолутно генијални.

Сцената убаво се развиваше во изминативе седум до осум години. Клубовите, промоторите, продуцентите и диџеите претставуваат одраз на разновидноста на овој луд град, и од музички аспект, можете да најдете сé што ви се допаѓа. Журкањето сè уште претставува повеќе обврска отколку избор, што навистина ја подига атмосферата. Луксузните хаус клубови доминираат со ноќниот живот, но ако сакате грајм, диско, техно, футворк, дарк вејв или експериментална електронска музика, ние имаме сé! Со оглед на тоа дека ова е град што речиси никогаш немал вистинска продавница за плочи, каде децата не можат да си дозволат добар компјутер, а просечната плата е 300 евра месечно, јас сум многу горда на тоа што го постигнавме. Сè уште повеќе се радувам на локалните изведувачи, отколку на странските, а ме радува и тоа што гледам нова генерација на туристи кои го посетуваат градот за да уживаат во нашите клубови и забави, без оглед кој во нив настапува.

На сцената сум присутна долг временски период: почнав како тинејџерка-рејверка, полна со ентузијазам која забавите ги сметаше исто толку важни колку и домашните задачи, а сега зад себе имам долга кариера во креирање на ТВ емисии за електронска музика, но и како изведувач и диџеј. Во моментов поинтензивно работам на тој дел од кариерата, како изведувач и диџеј, и многу сум задоволна од состојбата на белградската сцена во моментов. Сцената е богата, и за среќа талентот и напорната работа полека почнуваат да се исплаќаат и да се препознаваат во меѓународни рамки. Еве листа на неколку места и изведувачи коишто ги препорачувам, што во никој случај не може да се смета дека ги опфаќа сите, туку само пример за инспирација.

BOAT 20/44

Постои веќе седум години и 20/44 веќе се смета за легендарно место. Честопати го викаме „сплавот“, иако во Белград има многу клубови-сплавови на своите две огромни речни крајбрежја. Сплавот на почетокот беше место за фанк, соул и диско забави и сакаше да креира чиста карма, наспроти дрогираната хард-техно публика која доминираше во минатото. Сопствениците имаа многу искрен пристап и беа целосно независни. Нивната политика беше: без спонзори, без инвеститори, без профит. Дури и влезот беше со години бесплатен. Со голи раце сплавот го трансформираа од поранешен стриптиз клуб. Црвените плишани завеси и „Дејвид-линчовската“ естетика се сè уште доминантни, заради што голем број меѓународно познати диџеи почнаа да бараат да настапуваат таму, иако клубот никогаш не би можел да им го исплати надоместокот кој тие обично го бараат.

DRUGSTORE

За разлика од удобниот сплав, Drugstore е нашиот дарк техно храм. Се отвори во 2012 година и започна една целосно нова ера на белградските клубови. Од самиот почеток, беше јасно дека ова е местото каде може да се ужива во техно и сите форми на дарк и нојз музика. Архитектурата на местото, инаку, поранешна кланица, е импресивен пост-индустриски рај, и како што некој своевремено кажа, „да не беше толку возбудливо, местово ќе беше страшно“. Иако е најпознато по своите сериозни и софистицирани техно изведувачи (вклучувајќи ги Surgeon, Rødhåd, Dasha Rush, DVS1, Станислав Толкачев и Blawan), Drugstore организира и поинтимни забави и концерти и поддржува разни експериментални, независни и повремено модерно-класични концерти. Мои лични фаворити се Ariel Pink и Љубомир Мелник (Lubomyr Melnyk).

 

KC GRAD

„KC“ е скратено од „културен центар,” а KC е токму тоа. Во овој мултифункционален простор се одржуваат бројни концерти, уметнички саеми, изложби, перформанси, проекции на филмови и, се разбира, забави. Тоа е убаво место коешто се наоѓа на самата река Сава, во трендовската и разиграна населба Савамала, што изобилува со напуштени магацини претворени во клубови, барови, галерии и ресторани. KC Grad помогна во креирањето на овој тренд и трансформацијата на целата област. Клубот нуди богата и разновидна музичка програма, од џез, до рок концерти и забави. Клубот има организирано голем број импресивни настапи, вклучувајќи ги и оние на Девандра Банхарт (Devendra Banhart), Chinawoman, Матијас Агуајо (Matias Aguayo), Acid Arab и многу други.

BIVŠI

Bivši (што се преведува како „поранешен”, како поранешен дечко или девојка) го водат момците од Drugstore. Тоа е малечок, приватен стан, трансформиран во зачаден бар полн со ретро мебел и огромен постер од Пеколот на Хиронимус Бош, што одлично се вклопува во концептот на местото… Сопствениците некако успеале таму да сместат два пулта и секој ден од неделата нудат диџејска програма. Таму можете да слушнете џем сесии на локалните херои и лесно можете да организирате спонтана забава сред неделата.

 

JAN NEMEČEK

Jan е креативен млад продуцент кој почнал да работи со музика на многу рана возраст. Сега има дваесетина години, а веќе има издадено два албума, голем број самостојни EP изданија, како и бројни изданија за дискографски куќи како Blind Tapes. Неговите дела се движат од тејп-луп експериметни до даб, а негов личен печат се семпловите со атмосферски звуци, готски виолини и вокални семплови. Тој тукушто го надгради својот (и онака импресивен) настап во живо со модуларни синтисајзери и тој е сега вистинска музичка бомба, без оглед дали настапува во клуб или во темна зачадена просторија, во поинтимна атмосфера, пред помала публика.

 

33.10.3402. / NENAD MARKOVIĆ

 

Ненад Марковиќ е вистински гениј и небрусен скапоцен камен на белградската сцена. Тој е извонреден диџеј, чијшто маратонски сетови опфаќаат хип-хоп, техно и сите останати чудесии, а воедно е и одличен продуцент, при што создава музика која го покрива секој тешко опислив жанр што можете да си го замислите. Бидејќи потекнува од екипата која ги организираше забавите со космичко диско и бавен хаус на самите почетоци на Boat 20/44, со текот на времето тој стана продуцент на продуцентите и диџеј на диџеите. Неговиот мрачен ритам и иновативната структура на звукот беа продуцирани од ESP Institute на Lovefingers и Internasjonal на Prins Thomas, и сите во Европа зборуваат за него. Мислам дека допрва ќе слушаме за него!

TAPAN

Ова е сосем нов проект на Sima (претходно познат како Piece of Shhh и дел од Brickwall Brigade и Belgrade Yard Soundsystem) и Schwabe, едни од основачите на легендарните Disco Not Disco забави. Првиот носач на звук на дуото само што излезе под капата на високо-ценетата дискографска куќа Crimes Of The Future, и содржи две морничави, психоделични техно нумери, со дополнителни ремикси од Willie Burns и Drvg Cvltvre. Момциве имаат уште многу необјавена музика, така што внимавајте на нив.

FELONEEZY & JACKIE DAGGER

Тие се основачи на познатите Mystic Stylez забави, а воедно се и белградскиот огранок на чикашката Teklife екипа. Нивните забави честопати се претвораат во апсолутен хаос, а од музички аспект нивните влијанија доаѓаат главно од бас/грајм/фанки ритмите од Велика Британија и од чикашкиот футворк. Нивната колаборативна композиција беше дел од Next Life компилацијата на Hyperdub, како и на Opal Tapes. Jackie Dagger и Feloneezy се претставници на последната генерација белградски диџеи и продуценти со свеж поглед кон музикатга, кои не се грижат многу за историјата или за другите стилови и едноставно се трудат да направат одлична забава.

FILIP XAVI

Кариерата на Filip се развива полека, но сигурно. Иако е на сцената присутен подолг временски период, се чини дека доживеа вистински бум со отворањето на Drugstore. Филип целосно се пронајде таму, во местото коешто одговара на неговиот звук и фрли ново светло на белградската техно сцена. Музичката програма стана поинтелигентна и пософистицирана, па техното веќе не се поврзува само со опојниот шранц. Филип е еден од најентузијастичните техно промотори во Белград, долгогодишен продуцент и етаблиран експерт за звук. Деновиве, тој редовно настапува во Tresor во Берлин и веќе има неколку извонредни изданија, од кои мој личен фаворит е последното Sonntag Morning EP со Dasha Rush.

KRISTIJAN MOLNAR

Kristijan е релативно нов на сцената и му се воодушевувам на сиот ентузијазам и труд што го вложува во развојот на својата кариера. Тое е само диџеј, а јас имам голем респект за сите што одлучиле да му оддолеат на пазариот тренд да бидат продуценти. Тој е присутен веќе неколку години во радио етерот со неговата радио емисија Christallization, каде поддржува и промовира млади, но и етаблирани продуценти, главно од областа на дип хаусот. На неговите забави доаѓа цела армија обожаватели и тој редовно ги чести со маратонски сетови.