Feed/Music

Оваа сабота ќе се случи главната вечер на Таксират #20

На 8 декември (сабота) во СЦ Борис Трајковски со почеток во 19 часот ќе се случи главната вечер на јубилејното 20-то издание на Таксират Фестивал.

Прославата на 20-годишнината од постоењето на Таксират започна уште на почетокот на годината, во февруари, со концертот на Kraftwerk, продолжи со настапот на Laibach, пополека се развиваше низ целата година, за оваа седмица да кулминира со таканаречената и добро позната „Таксират-недела“.

Овој завршен и најверојатно најважен дел од фестивалот беше отворен минатиот четврток со одличната ПИН музичка конференција, на која се случи и неверојатниот настап на словачкиот панк-бенд Vydrapená Bužírka Punk System, кој настапи во тоалетот на МКЦ. А по огромниот број на настапи кои се случија од тогаш, повеќето во Младинскиот културен центар, финалето на фестивалот е закажано за оваа сабота во салата „Борис Трајковски“.

Во СЦ Борис Трајковски, која по овој повод ќе биде посебно уредена, ќе настапат французинките Nouvelle Vague, австралискиот drum and bass феномен Pendulum, шведскиот инди-рок состав Mando Diao, веќе-легендарните босанци Dubioza Kolektiv, македонските хард-кор херои Smut, Therapy? од Северна Ирска, македонскиот трап колектив Trap Da Fuck Up, SAF Sound System и американскиот битбокс-шампион Rahzel.