Feed/Music

Нови експерименти од Dedekind Cut

Забележете си во календарите: кон крајот на месецов Dedekind Cut го издава својот нов албум Tahoe.

Своето музичко патешествие Lee Bannon (Фред Вормзли) го започна со продукција на хип хоп инструментали за рапери од типот на Big Shug, Inspectah Deck, Joey Bada$$, ремикси на великани од типот на DJ Shadow и се чинеше дека, како и голем број слични продуценти, неговиот фокус ќе останат мрсните хип хоп ритми.

Меѓутоа, Вормзли да ти бил многу повеќе заинтересиран за сонично експериментирање, отколку за удобно вдомување во еден жанр. Почнувајќи од албумот Alternate/Endings, издаден 2013 година за Ninja Tune, тој почна да експериментира со драменбејс, брејкбит и џангл музика. Чудно и храбро од негова страна, особено имајќи предвид дека Калифорнија (неговото место на живеење) и не е толку подобен амбиент за деклинирање од воспоставените стандарди на музичката индустрија.

Dedekind Cut е името на неговата последна музичка инкарнација. Со него, воедно, се најави и најексперименталната фаза од неговото досегашно творештво, а во прилог на тоа говори фактот што неговиот последен албум, $uccessor (2016 година), беше издаден за авангардната издавачка куќа NON (дом на Chino Amobi, Why Be, Angel-Ho идр.), позната по тоа што пласира изданија кои се занимаваат со афро-футуризам и со културата и политиката на африканската дијаспора.

Кон крајот на месецов (22 февруари), Dedekind Cut ќе го издаде својот најнов албум, Tahoe, именуван според градот во Калифорнија, во кој Вормзли моментално живее. Овојпат, албумот ќе биде издаден за Kranky. Од таму велат дека албумот „е набиен со широка величественост, евоцирајќи внатрешни и надворешни погледи“, истовремено опфаќајќи ги посуровите, гневни вибрации од неговите рани продукции, во комбинација со смирената природа на неодамнешните Dedekind Cut изданија. Нетрпение, нетрпение…

Слушнете ја амбиенталната насловна тема од албумот:

Прочитајте повеќе: M.E.S.H. – Hesaitix (4.6)